Американскиот претседател Доналд Трамп е отворен за одржување трилатерален самит во Алјаска на 15 август со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави функционер на Белата куќа, додавајќи дека во моментов е планирана само билатерална средба меѓу Трамп и Путин.
„Белата куќа во моментов планира билатерална средба со Путин на негово барање“, рече функционерот, според Ројтерс.
НБС вчера објави, повикувајќи се на висок американски функционер и три лица информирани за внатрешните дискусии, дека Белата куќа размислува да го покани Зеленски на Алјаска, каде што Трамп треба да се сретне со Путин во петок.
Во извештајот се наведува дека посетата на Зеленски не е потврдена и дека не е јасно дали украинскиот лидер на крајот ќе биде во Алјаска за состаноците, но дека тоа останува можност.
„Се дискутира“, рече еден од изворите.
Висок функционер на администрацијата рече дека таков развој на настаните е „апсолутно“ можен, објави НБЦ њуз. Дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина се интензивираа откако специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, се сретна со Путин во Москва пред рокот поставен од американскиот претседател за договор за прекин на огнот, под закана од нови санкции.
Трамп, најавувајќи ја средбата со Путин, рече дека ќе има „замена на територија меѓу Русија и Украина во корист на двете страни“, што Зеленски категорично го отфрли.