Бројот на апсења по денешниот протест на поддржувачите на Палестинската акција, кои се собраа во Лондон и покрај фактот дека оваа организација е забранета во Велика Британија, се искачи на повеќе од 450, објави лондонската полиција.
Беше наведено дека имало од 500 до 600 луѓе на Парламентарниот плоштад во Лондон кога започнале демонстрациите, но дека „многумина“ не учествувале, објавува Гардијан.
Во соопштението синоќа, лондонската полиција соопшти дека „Парламентарниот плоштад и Вајтхол се празни“ и дека до 21 часот „вкупно 466 лица се уапсени за поддршка на Палестинската акција“.
Во соопштението се вели дека полицајци од други области се распоредени денес за да помогнат во воспоставувањето „значајно полициско присуство“ во Лондон пред планираниот митинг, за кој претходно се очекуваше да резултира со голем број апсења.
„Осум лица се уапсени за други прекршоци, вклучувајќи пет за напад врз полицајци. За среќа, никој не е сериозно повреден“, се вели во соопштението, според „Гардијан“.
До попладне, стотици луѓе се собраа на плоштадот на Парламентот на демонстрации за кои организаторите велат дека собрале „приближно 1.000 луѓе со транспаренти“, според британскиот весник.
Според одлуката на Министерството за внатрешни работи на Велика Британија, забраната за организацијата „Палестинска акција“ стапи на сила на 5 јули, со што јавните изрази на поддршка за групата стануваат кривично дело, казниво со затвор до 14 години.
Во исто време, денес во Лондон се одржа уште еден митинг, организиран од посебна група, Палестинската коалиција.
Полицијата соопшти дека еден учесник на митингот е уапсен за носење транспарент во поддршка на групата „Палестинска акција“.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи претходно нагласи дека забраната за „Палестинска акција“ нема никаква врска со Палестина, ниту пак влијае на слободата на протест и остварувањето на палестинските права.
„Забраната се однесува само на специфична и тесна организација чии активности не ги одразуваат ставовите или не ги претставуваат илјадниците луѓе низ целата земја кои продолжуваат да го користат своето фундаментално право на протест по разни прашања“, додаде портпаролот.