Мајкл Маден од Тексас со години гледал како возрасни луѓе се соочуваат со тешкотии при управување со основни финансиски вештини. Кога станал родител, решил своите деца да ги воспитува поинаку – преку игра и методи прилагодени на возраста да им покаже како функционираат парите и колку е важно планирањето на буџетот, објави „Пипл“.
Пред неколку месеци, тој вовел табела со задолженија за својата шестгодишна ќерка Роуз, преку која таа добива поени за завршени задачи и усвоени добри навики, како миење на забите без потсетување или помагање при чистење. Со освоени 25 поени таа заработува пет долари, а доколку достигне 30 поени, добива дополнителен бонус.
За да ја направи лекцијата пореална, Маден вовел и уште едно правило – Роуз мора да издвојува 20 отсто од заработката за „кирија и сметки“. На тој начин, без да ѝ одзема вистински пари, ѝ овозможува визуелно да сфати како функционираат трошоците и дека не целиот приход може да се потроши за лични желби. Остатокот од сумата таа може да го заштеди или потроши, со поддршка и насочување од родителите.
„Не ги земаме нејзините пари. Сè ѝ се заштедува. Ова е начин да сфати дека прво се покриваат потребите, а потоа желбите. Тоа е лекција за буџетирање во прикриена форма,“ вели таткото, кој неодамна доби и второ дете.
Иако има само шест години, Роуз веќе знае дека киријата се плаќа за да живееш во куќа, дека струјата не е бесплатна и дека за поголеми работи мора да се штеди. Таа е горда на своите заработки и со возбуда го очекува моментот кога ќе ја достигне својата цел, па дури и го потсетува татко ѝ да ја ажурира табелата.
Маден неодамна го сподели системот на ТикТок за да ја поттикне финансиската писменост кај децата. Видеото стана вирално со речиси 6,8 милиони прегледи и над 4.800 коментари.
Според Маден, целта не е децата да се оптоваруваат, туку да научат за одложено задоволство, одговорност, конзистентност и управување со пари додека се доволно мали за лекцијата да остане трајна.
„Ова не е обид да станам интересен или да бидам вирален. Само сакам моето дете да научи нешто што јас посакував да го знаев кога бев мал“, додава тој.
Планот е системот да продолжи и да се прилагодува како што Роуз расте, со цел да се всадат здрави финансиски навики и да се покаже дека парите не треба да бидат извор на страв, туку средство за поголема слобода и помалку стрес во иднина.