дома Живот Потреба на мачката или каприц на сопственикот: Дали ѕвончето на околувратникот на...

Потреба на мачката или каприц на сопственикот: Дали ѕвончето на околувратникот на мачката е корисно?

Во многу домови каде што живеат мачки, нежниот звук на ѕвонче значи само едно – мачката е во движење. Без разлика дали скока на кујнскиот пулт барајќи грицки или трча по ходникот во 3 часот наутро, ѕвончето ќе ја „издаде“.

Околувратникот со ѕвонче е популарен додаток меѓу љубителите на мачки ширум светот, но сѐ уште постои контроверза околу тоа дали е соодветно да се постави ваков звучен украс околу вратот на мачката. Дали постојаниот звук може да ѝ го наруши слухот и дали ваквата мерка на претпазливост навистина ѝ е потребна на мачката?

Зошто се става ѕвонче на околувратникот на мачката?

Одлуката дали ќе ставите ѕвонче на огрлицата на вашата мачка зависи од повеќе фактори, пишува „Катитјуд дејли“. Една од честите забелешки за мачките кои излегуваат надвор е дека создаваат проблеми во природниот екосистем на одредено подрачје.

Глувци, верверички, змии, птици и други мали животни често се жртви на овој предатор, кој особено во рурални средини умешно ги лови глодарите и другите штетници. Но, некои навики на мачката имаат штетни последици по животната средина. Затоа многу сопственици кои дозволуваат нивните мачки да излегуваат надвор, им ставаат ѕвончиња на околувратниците. Звукот го предупредува потенцијалниот плен дека мачката е во близина.

Истражување спроведено во Англија покажало дека ѕвончињата спасуваат значителен број цицачи и птици кои инаку би биле убиени од мачки – дури до 50 отсто помалку жртви. Тоа значи дека многу животни преживуваат благодарение на нешто толку едноставно како ѕвонче.

Ѕвонче за полесно пронаоѓање изгубена мачка

Сопствениците што им ставаат ѕвонче на своите мачки тврдат дека секогаш знаат каде е нивниот миленик кога ќе го слушнат звукот. Ѕвончето овозможува полесно следење на движењето на мачката низ домот, а е особено корисно за луѓе со оштетен вид. Звукот не само што им помага да ја пронајдат мачката, туку и ги предупредува дека таа е во близина, со што можат да избегнат несакано нагазување или инциденти.

Дали поставувањето ѕвонче е сурово кон мачката?

Иако целта на ѕвончето е да ја заштити и мачката и животните кои таа ги лови, постои загриженост дали постојаниот звук може да го загрози слухот на мачката. Но, експертите од Универзитетот Мекгил велат дека нема причина за грижа – ѕвончето произведува звук од 50 до 60 децибели, што е слично на тивок разговор во домот. Истражувањата покажуваат дека мачките не реагираат на звуци под 80 децибели, што значи дека звукот од ѕвончето е во целосно безбедни граници.

Сепак, останува прашањето дали звукот е иритирачки за мачката. Некои мачки кои имаат зголемена анксиозност може да имаат потешкотии со тоа што не можат да избегаат од звукот, но повеќето се навикнуваат релативно брзо и со време почнуваат да го игнорираат без да покажуваат знаци на нервоза.

Ако предаторскиот инстинкт на вашата мачка ја загрозува локалната дива фауна – ѕвончето може да ја спаси. Ако тешко ја наоѓате низ домот – ѕвончето ќе ви биде од голема помош. Сѐ додека околувратникот лесно се отвора и не ја стега мачката, ѕвончето не би требало да има никакви негативни последици по нејзината благосостојба.

ПредходнаПочина актерката Нина Ерак: Замина големата дама на хрватското глумиште
СледнаНе ја фрлајте кората од лубеница: Одлична е за здравјето, ја подобрува циркулацијата и потенцијата