Базените се места каде редовно се контролира исправноста на водата, но и покрај сите напори, тие често се извор на различни инфекции – од безопасен кожен осип до посериозни стомачни тегоби. Иако инфекцијата најчесто нема да биде тешка, таа може да ви го расипе одморот, пишува „Е-клиника“.

Незаобиколен дел од летото, но и жариште на инфекции
Присуството на јавните базени и аква парковите носи специфични ризици. Уринарни инфекции, ешерихија коли, габични кожни инфекции, конјунктивит – се само дел од болестите кои може да се добијат на базен. Преносители на овие инфекции, и покрај хлорирањето на водата, најчесто се самите посетители, понекогаш целосно без чувство за хигиена. Според одредени податоци, речиси 90 проценти од граѓаните не се тушираат пред влез во базен, а голем дел и уринираат во водата.
Хлорот е ефикасен, но не и семоќен
Хлорот, кој широко се користи во базените, уништува многу патогени, но не делува веднаш и не ги елиминира сите бактерии. Најчестите последици од капење во нечиста базенска вода се кожни и ушни инфекции, стомачни тегоби и респираторни проблеми.
Патогените можат да преживеат од неколку минути до неколку дена
Експертите предупредуваат дека дури и во добро хлориран базен, некои патогени можат да преживеат од неколку минути до неколку дена. Чест проблем е паразитот Cryptosporidium, присутен во храната, почвата и водата. Заразата настанува со консумирање контаминирана храна или вода, вклучително и случајно голтање вода од базен загадена со фекалии од заразени лица или животни. Овој паразит предизвикува воденаста дијареја и, благодарение на цврстата надворешна обвивка, може да преживее во хлорирана вода и до 10 дена. За ширење е доволна и микроскопска количина фекална материја, невидлива за голо око.
Друга честа и исклучително отпорна бактерија е Pseudomonas aeruginosa, која предизвикува осип и таканаречено „пливачко уво“. Норовирусите и аденовирусите, исто така, можат да опстојат во базенската вода и да предизвикаат различни заболувања.
Проблемот е што посетителите внесуваат во водата пот, урина и мртви клетки од кожата. Потта и урината реагираат со хлорот и создаваат хемиски нуспроизводи – хлорамини, објаснува професорката по биомедицински науки Лиза Кучара од Универзитетот „Квинипијак“.
Токму хлорамините се одговорни за силниот „мирис на хлор“. Всушност, чист базен не треба да има силен мирис – ниту пак било каков друг мирис. Честа е заблудата дека силниот мирис на хлор е знак на чистота, но тоа може да биде и предупредување дека водата е загадена и дека базенот треба да се избегнува, предупредува проф. Кучара.
Како да се заштитиме себеси и другите?
Ризиците поврзани со базените може значително да се намалат со едноставни мерки:
- Истуширајте се пред влез во базен – најмалку една минута, за да ги отстраните маснотиите и нечистотиите од телото кои го намалуваат дејството на хлорот.
- Избегнувајте капење ако сте болни, особено ако имате дијареја или отворена рана – бактериите и вирусите брзо се шират во вода.
- Обидете се да не голтате вода, за да го намалите ризикот од внесување заразни агенси.
- Ако имате криптоспоридиоза (болест со воденаст пролив), воздржете се од капење во базен најмалку две недели.
- Правете редовни паузи за користење тоалет, ова важи и за децата и за возрасните.
- Темелно исушете ги ушите по пливање, за да спречите појава на „пливачко уво“.
- Истуширајте се по излегување од базен, за да ги отстраните евентуалните бактерии и остатоци од хлор од кожата.