– Европската Унија и Украина го презентираа својот предлог за договор за прекин на огнот со Русија, кој треба да послужи како основа за претстојните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, објави „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на европски претставници.
Повикувајќи се на неименувани извори запознаени со процесот на преговори, „Волстрит џурнал“ објави дека ЕУ денес, за време на состанокот со високи американски претставници во Велика Британија, го отфрлила предлогот за размена на делови од регионот Донецк контролирани од Украина како услов за прекин на огнот.
Целта на Европа е да соработува со Украина за да повлече црвена линија за која европските претставници велат дека треба да се применува во сите преговори со Русија.
„Њујорк дејли њуз“ објавува дека европскиот предлог предвидува прекин на огнот пред какви било други чекори, објавува УНИАН.
Исто така, се наведува дека територијата може да се разменува само на реципрочна основа, што значи дека ако Украина повлече војници од некои региони, Русија мора да повлече војници од други.
„Не можете да го започнете процесот со откажување од територија во екот на борбите“, рече еден европски преговарач.
Европскиот план беше презентиран денес на американска делегација во која беше и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, додека други американски претставници присуствуваа преку видео врска.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека ќе се согласи на прекин на огнот доколку Украина врати делови од регионот Донецк што ги контролира на Русија, потврдија неколку претставници запознаени со предлозите на Москва.
Линиите на фронтот ќе бидат замрзнати и на други места, вклучувајќи ги регионите Запорожје и Херсон, кои исто така ги бара Русија.
Некои европски претставници денес изјавија дека ако Украина се откаже од целиот регион Донецк, Русија ќе мора да се повлече од окупираните делови од регионите Запорожје и Херсон.