Еден 81-годишен маж загина, а 29 други се повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала што синоќа го погоди округот Синдирги во Баликешир во западна Турција.
По земјотресот, стотици помали земјотреси со јачина помеѓу 2 и 4,5 степени беа регистрирани во Турција во текот на ноќта.
Утрово, земјотрес со јачина од 3,2 степени беше регистриран и на 25 километри од центарот на Анкара во округот Етимесгут, објавија турските медиуми.
Земјотресот со јачина од 6,1 степен што го погоди Баликешир во неделата беше почувствуван и во Истанбул, Бурса, Баликешир, Коџаели и околните провинции, објави турскиот весник Хуриет.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, кој го посети погодениот регион, изјави дека вкупно 29 лица се повредени во земјотресот, но никој не е сериозно повреден.
„Има урнати згради во 16 села, 12 куќи се напуштени“, рече Јерликаја.
Турскиот министер за здравство Кемал Мемишоглу изјави дека вкупно 52 лица се примени во турските болници во врска со земјотресот, а 29 се на лекување.
„Се молам за Божја милост за нашиот починат граѓанин и изразувам сочувство до неговото семејство. Им посакувам брзо закрепнување на сите наши повредени сограѓани“, рече Мемишоглу.
Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) утрово соопшти дека утрово се случил потрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала во округот Синдирги во покраината Баликешир на длабочина од приближно седум километри.
Главната команда на жандармеријата објави на социјалните мрежи дека, по земјотресот со јачина од 6,1 степен што го погоди округот Синдирги во Баликешир вчера околу 19:53 часот, екипите на јавната безбедност на жандармеријата започнаа со проценка на штетите и скенирање на теренот во регионот.
По силниот земјотрес во округот Синдирги, канцеларијата на гувернерот објави дека летните училишта низ целата покраина ќе бидат затворени еден ден, а бремените жени и лицата со попреченост кои работат во јавните институции и организации ќе бидат на административен одмор.
Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,1 степени бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликешир, објави ТРТ Хаберлер.
Според жителите, земјотресот бил силен и траел 10-20 секунди.




