Австралискиот премиер Ентони Албанезе го обвини својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху дека ја „негира“ хуманитарната ситуација во Газа, еден ден откако објави дека Австралија ќе ја признае палестинската држава, пренесува Ројтерс.
Австралија ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации следниот месец, изјави Албанезе во понеделник, зголемувајќи го меѓународниот притисок врз Израел по слични најави од Франција, Велика Британија и Канада.
Албанезе во вторникот изјави дека неподготвеноста на владата на Нетанјаху да ги слуша своите сојузници придонела за одлуката на Австралија да ја признае палестинската држава.
„Тој повторно ми го повтори она што го кажа јавно, а тоа е негирање на последиците што се случуваат за невини луѓе“, рече Албанезе во интервју за државната телевизија АБЦ, раскажувајќи за телефонскиот разговор во четвртокот со Нетанјаху во кој било дискутирано ова прашање.
Албанезе минатиот месец изјави дека нема да има дискусија за временски рок за признавање на палестинска држава и претходно бил претпазлив во врска со поделбата на јавното мислење во Австралија, која има значителни еврејски и муслимански малцинства.
Но, јавното расположение нагло се промени откако Израел соопшти дека планира да преземе воена контрола врз Газа, поради растечките извештаи за глад и неухранетост меѓу населението.
Десетици илјади демонстранти во Сиднеј овој месец побараа испорака на помош во Газа, бидејќи хуманитарната криза се влошуваше.




