– Непал ќе понуди бесплатно искачување на 97 планински врвови во текот на следните две години, со цел да се поттикне туризмот во оддалечените области на земјата, објави Би-Би-Си.
Одлуката следува по најавата дека надоместокот за искачување на Монт Еверест, највисокиот врв во светот, ќе се зголеми од 11.000 долари на 15.000 долари, прво зголемување за речиси 10 години.
Врвовите за кои ќе бидат укинати надоместоците се во непалските провинции Карнали и Судурпашим, кои се меѓу најсиромашните и најмалку развиените делови на Непал.
Планините се високи од 5.970 до 7.132 метри.
Министерството за туризам на Непал вели дека иницијативата има за цел да промовира помалку познати дестинации и да создаде нови можности за локалните заедници.
„Тие можат да создадат работни места, да генерираат приходи и да ја поттикнат локалната економија“, рече Химал Гаутам, директор на одделот за туризам на Непал.
Сепак, експертите предупредуваат дека пристапот до овие области е тежок и не е познато дали постојат планови за подобрување на инфраструктурата и управување со потенцијалното зголемување на бројот на посетители.
Во изминатите две години, само 68 алпинисти се искачиле на некои од овие врвови, додека оваа година се издадени повеќе од 400 дозволи за Еверест, кој се соочува со пренатрупаност и еколошки предизвици.
Во јануари, властите објавија зголемување од 36 проценти на цените на дозволите за Еверест, како и закон со кој алпинистите прво ќе треба да освојат врв повисок од 7.000 метри во Непал пред да се обидат да се искачат на Еверест.
Според „Катманду пост“, провинциите Карнали и Судурпашим стануваат идеални локации за обука и подготовка на алпинисти.




