дома Култура Почнува 36. Ликовна колонија Галичник 2025

Почнува 36. Ликовна колонија Галичник 2025

Почнува 36. Ликовна колонија Галичник 2025

  Од денеска до 18 август во Галичник ќе се одржи 36. Ликовна колонија Галичник 2025.

Организаторите на Ликовната колонија информираат дека тема на годинашното издание е Постмеморија – Одек на тишината, инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои се занимаваат со тоа како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации. Годинашните учесници ќе ја истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво, и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти.

-Оваа година се одржува 36. сесија на Ликовната колонија Галичник, една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот. Со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност, колонијата и понатаму гради платформа за иновативна, интер-/транс-дисциплинарна и концептуална продукција, посочува уметничкиот директор на Ликовната колонија, д-р Ана Франговска.

На Колонијата ќе учествуваат: Никола Радосављевиќ (Србија) – видео уметност, инсталации, Дејан Крстиќ (Србија) – звучна уметност, перформанс, Красимир Терзиев (Бугарија) – дигитална уметност, текст, Калина Димитрова (Бугарија) – фотографија, архивски пристап, Далиа Белосиноф (Грција) – визуелна поезија, инсталации, Мариа Анвандер (Австрија) – концептуални текстуални интервенции, Клара Вит (Австрија) – медиумски инсталации, фотографија, Ренеа Беголи (Косово) – цртеж и предмети на меморија, Лука Соудан (Холандија) – аудиовизуелни композиции, Иванчо Талевски (С. Македонија) – микс-медија, личен архив и Ана В’цкова (С. Македонија) – дигитален колаж, фотографија.

Делата создадени на оваа сесија, заедно со продукцијата од претходната 2024 сесија, ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември 2025 во Националната галерија – објект Мала станица. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог, кој ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.

Ликовната колонија Галичник се организира во соработка со Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Австриската амбасада во Скопје, Бугарскиот културен центар во Скопје, Casinos Austria, Пивара Скопје, Месната заедница Галичник.

ПредходнаПочнува полагањето државна матура во августовскиот рок, пријавени 1118 ученици
СледнаЗатворен за сообраќај патот од Брезница преку НП „Јасен“ до Македонски Брод