Училишта и градинки, општини, државни фондови, министерства. На два месеци пред избори, сите на оглас бараат вработени. Веб порталот на агенцијата за администрација е преплавен со огласи за вработување во државни институции. Се бараат референти, хигиеничари, возачи, сметководители и благајници.
Во истовреме, градоначалници по социјалните мрежи се фалат со почеток на изградби на разни инфраструктурни проекти, финансирани најчесто со пари од унгарскиот кредит. И професорот Борче Давитковски, кој е еден од најдобрите експерти за јавната администрација, во ова препознава предизборна кампања.
Праксата на предизборни активности не ја одмина земјава и пред овие избори, иако и антикорупциска вчера ги потсети институциите на законската обврска.
„Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. Не може да започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности – училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.“
Професорот Давитковски вели дека оваа пракса мора да запре. Предлага забраната за вработувања и назначувања, која сега почнува од денот на распишувањето на изборите, да се прошири на шест месеци до една година пред избори. Сепак, професорот е свесен дека и така, забошотувања на законот ќе има, па решението е во повисоката политичка свест кај политичарите.
Во исто време, антикорупцијска ја охрабрува јавноста навремено да пријавува случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во Изборниот законик. Иако оваа појава во земјава е присутна веќе три и пол децении, досега малку кој функционер одговарал за прекршување на законите.
Tv24





