дома Живот Стрес, промена на рутината, болест, но не и инает: Што се обидува...

Стрес, промена на рутината, болест, но не и инает: Што се обидува да ви каже мачката кога ги менува навиките за мокрење?

Ако вашата уредна и добро воспитана мачка одеднаш почне да се однесува необично – уринира на тепихот, креветот, во аголот од собата или дури и на вашата облека – тоа може да изгледа како инает, но всушност тоа често е сигнал дека нешто не е во ред. Мокрењето надвор од кутијата за песок не е проблем што може да се реши со викање или казнување – тоа е важен индикатор дека мачката се обидува да ви каже нешто, а вашата задача е да го препознаете тоа и да реагирате со внимание и разбирање, според „ПетМД“.

Најчестите причини за мокрење надвор од песок вклучуваат здравствени проблеми, стрес, несоодветни хигиенски услови, промени во околината, лош избор на вид песок или број на контејнери во однос на бројот на мачки во домаќинството. Секој од овие фактори може да доведе до тоа вашата мачка, нормално многу чисто животно, да се откаже од користењето на песокот и да почне да мокри каде што се чувствува побезбедно во тој момент – па дури и на места што ви изгледаат сосема нелогично.

Првото и најважно нешто што треба да го направите кога ќе забележите промена во мокрењето е веднаш да го контактирате вашиот ветеринар. Без преглед и анализа на урина и крв, не можете да знаете дали вашата мачка се бори со инфекција на уринарниот тракт, камења во мочниот меур, болка при движење поради артритис, симптоми на хронична бубрежна болест или дури и хиперактивна тироидна жлезда. Сите овие дијагнози се чести кај мачките, особено кај постарите мачки, и многу од нив можат успешно да се лекуваат ако се откријат рано.

Здравствените проблеми најчесто предизвикуваат болка или непријатност при мокрење, поради што мачката почнува да го поврзува процесот со непријатност. Наместо тоа, таа избира да мокри на место кое ѝ се чини побезбедно – на пример, до вас на креветот или во агол кој не е изложен. Мачките кои страдаат од идиопатски циститис (воспаление на мочниот меур предизвикано од стрес) многу често мократ надвор од кутијата за тоалет, бидејќи стресот директно влијае на нивната физиологија. Дури и најмалата промена – нова машина, поместување мебел, доаѓање на бебе или друго животно – може да доведе до појава на крв во урината, често мокрење или целосна промена на навиките.

Сепак, дури и кога здравствените наоди се во ред, не смеете да ја занемарите важноста на околината, квалитетот на песокот и самото место каде што се наоѓа садот. Мачките имаат исклучително чувствително чувство за мирис. Сад што ви изгледа чист може да биде „неупотреблив“ за нив. Валканиот песок, ретко менување на содржината, непријатен мирис или сад со капак во кој се задржуваат мирисите – сето ова може да биде доволна причина мачката да одлучи дека е подобро да мокри некаде на друго место.

Покрај чистотата, важно е и каде се наоѓа садот. Ако садот е во темен, тесен простор со скали што водат до него или низ кој минуваат бучни машини (машина за перење, правосмукалка, бојлер), мачката може да развие страв од негово користење. Истото важи и за садовите што често се преместуваат – на мачките не им се допаѓа кога нивната рутина се менува, а преместувањето на садот може да ги збуни и да поттикне несакано однесување. Идеалното место е она што е тивко, без човечки сообраќај, а сепак не е целосно изолирано. Мачката мора да има чувство на приватност, но и безбедност.

Видот на песок е уште еден важен фактор. Некои мачки не сакаат миризлив песок, други избегнуваат груби гранули, бидејќи им пречат под шепите. Промената на брендот, текстурата, па дури и бојата на песокот може да предизвика отфрлање. Ако се сомневате дека е проблем со песокот, можете да ставите неколку различни видови во посебни садови и да набљудувате која ќе го избере. Важно е да не се воведуваат промени одеднаш, бидејќи мачките реагираат на сè многу емотивно – дури и на она што вам ви изгледа како неважна ситница.

Ако имате неколку мачки, бројот на садови секогаш мора да биде за една повеќе од бројот на мачки во домаќинството: две мачки – три садови, три мачки – четири саодви, и тоа не во истата бања, туку во различни соби. Некои мачки, особено оние кои се несигурни или помалку доминантни, нема да користат песок кој веќе ја окупирала друга мачка. Ако имате „насилник“ меѓу вашите миленици, можеби ќе треба физички да ги одделите садовите со песок – или барем да обезбедите непречен пристап за секоја мачка поединечно.

Конечно, не заборавајте го емоционалниот аспект. Мачките не се однесуваат лошо „од инает“: тие го користат мокрењето како форма на комуникација и самопомош. Стресните ситуации, вознемиреноста и несигурноста често се изразуваат токму вака. Мачката може да мокри на вашата перница затоа што сака да биде поблиску до вашиот мирис, да се чувствува безбедно. Може да мокри на облеката на вашиот партнер ако е љубоморна или збунета од новата рутина во куќата. Феромонските дифузери, внимателната рутина, постепените промени и што е можно помалку стрес можат да помогнат во спречувањето на овие однесувања. Ако не можете сами да го направите тоа, експерт за однесување на мачки може да ви даде многу корисни упатства.

Во сето ова, најважно е никогаш да не ја казнувате мачката. Викање, прскање со вода, заклучување во соба или исфрлање надвор – сето ова го влошува проблемот и ја уништува довербата. Мачката не разбира казна – таа само чувствува дополнителен страв, што може да ја зголеми вознемиреноста и да го влоши однесувањето. Наместо тоа, бидете детектив и сочувствителен придружник – побарајте ја причината, следете ги сигналите и со помош на ветеринар и нежен пристап, многу е веројатно дека ќе успеете да ги вратите хигиенските навики и хармонијата во куќата.

Мокрењето надвор од садот со песок никогаш не е „фаза“ што треба да се игнорира. Тоа е симптом, повик за помош, обид на мачката да ве насочи кон нешто што ја мачи – физички, емоционално или во околината. Со разбирање и навремено реагирање, не само што го решавате несаканото однесување, туку и градите однос на доверба и грижа, што е основа на секој вистински однос помеѓу човек и мачка.
ПредходнаДневен хороскоп за 12 август: Прецизноста и организацијата ќе ви донесат пофалби
Следна„Солзите на Свети Лоренс“: Целосен водич за уживање во спектакуларниот метеорски дожд Персеиди