– Девет лица загинаа, а седум се повредени во силна експлозија што се случи во фабриката за експлозиви „Енаекс Бразил“, во градот Кватро Барас, во близина на градот Куритиба, во Бразил, потврди компанијата.
Според соопштението на Енаекс, објавено доцна синоќа по локално време, меѓу жртвите има шест мажи и три жени.
Несреќата се случила во вторник околу 5:50 часот по локално време, во објект од 25 квадратни метри, каде што се подготвувале експлозиви за транспорт, изјави командантот на Противпожарната бригада на бразилската држава Парана, полковник Хилер, а денес јави бразилскиот портал G1.
Како што е објавено, објектот бил целосно уништен во експлозијата, а околните куќи и деловни простории претрпеле значителна штета.
Според локалните власти, три лица кои биле надвор од центарот на експлозијата се здобиле со полесни повреди.
Капетанот на Противпожарната служба на Луизијана изјави дека во објектот избувнал пожар, кој е локализиран.
Поради ризикот од понатамошни детонации, потрагата по телата на починатите започна дури откако експертите утврдија дека повеќе нема опасност за спасувачите.
Индустрискиот директор на компанијата „Енаекс Бразил“, Даниел Оливеира, изјави дека фабриката организирала тим психолози за да им пружи поддршка на семејствата на жртвите, а сите повредени се префрлени во болници и се во стабилна состојба.
„Сите сме потресени. Ова е голема трагедија за нашата компанија, за заедницата и за сите вработени“, рече Оливеира.




