дома Култура МакеДокс“ 2025: Филмска недела со 75 документарци и гости од цел свет

МакеДокс“ 2025: Филмска недела со 75 документарци и гости од цел свет

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ денеска, во Младинскиот културен центар, ја одржа главната прес-конференција, на која беше објавена целосната програма и фестивалските активности за неговото 16. издание.

Пред медиумите се обратија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата.

Оваа година „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август на неколку локации во Скопје – Куршумли-ан, Музеј на Македонија, Сули-ан, МКЦ и „Лабораториум“. Мотото е „Кому му е гајле за реалноста?“. Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни остварувања, а се очекуваат околу 100 странски гости.

Дарко Набаков истакна дека во време кога вистината се менува побрзо од нашата способност да ја сфатиме, потребата од внимателно, креативно и критичко гледање никогаш не била поголема. Петрула Вељановска додаде дека документарните филмови отвораат важни прашања и претставуваат автентичен документ за реалноста, овозможувајќи ни да ја споредиме со минатото и да замислиме иднина.

Програмата е поделена во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус (Австрија), Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. Фестивалот ќе се отвори со „Бардо“ на Вјера Чакањова и „Само на земјата“ на Робин Петре, а во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ ќе настапи гитаристот Мухамед Ибрахими.

Во рамки на фокусот на Австрија, публиката ќе има можност да ја запознае австриската документарна сцена. Ќе се одржат и македонски премиери на повеќе филмови, вклучувајќи „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, како и нови остварувања од школата „Докуникулци“. Специјална проекција ќе има и филмот „Вода и оган“ на Киро Урдин.

Придружната програма вклучува мастеркласови, изложби, разговори, концерти и индустрискиот сегмент „МакеКоПроДокс форум“ (25–27 август), кој обединува филмски професионалци од Балканот и Европа за унапредување на копродукцијата во креативниот документарец.

Традиционално, ќе бидат доделени пет фестивалски награди – „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи – за кои ќе одлучуваат 15 интернационални професионалци.

Целосната програма е достапна на www.makedox.mk и преку фестивалската мобилна апликација. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“ и бројни домашни и странски институции и партнери.

ПредходнаУкрадените фигури Лабубу во вредност од 30.000 долари се пронајдени во Калифорнија
СледнаВИДЕО! Какво понижување! Полицијата на Ибица не го препознала Леонардо Дикаприо, па чекал на ред за да биде претресен