Првата дама Меланија Трамп покрена судска постапка против Хантер Бајден, синот на поранешниот претседател Џо Бајден, барајќи отштета од 1 милијарда долари поради лажни тврдења за нејзината врска со осудениот педофил Џефри Епстин.
Адвокатите на првата дама, го опишаа тврдењето како „лажно, омаловажувачко, клеветничко и провокативно“, пишува „Би-би-си“.
Во писмо од адвокатите, адресирано до адвокатот на Хантер Бајден, се бара тој да ја повлече својата контроверзна изјава и да се извини, или да се соочи со судска постапка за „отштета од над 1 милијарда долари“.
Ова е контроверзна изјава што Хантер Бајден ја даде на 5 август во емисија со водителот Ендру Калаган, во која тврдеше дека Џефри Епстин ја запознал Меланија со идниот претседател Доналд Трамп.
„Тие се познаваа добро, поминуваа огромно време заедно“, рече Бајден, осврнувајќи се на врската на Трамп и Епстин. „Според неговиот биограф, Џефри Епстин ја запознал Меланија – така се запознале првата дама и претседателот.“
Бајден ги зеде овие тврдења од авторот Мајкл Волф, кој изнесе слични неосновани обвинувања во подкаст на „Дејли бист“ кон крајот на јули.
„Овие лажни, омаловажувачки, клеветнички изјави се исклучително скандалозни“, се вели во писмото на првата дама, кое првпат го објави „Фокс њуз“. Брито го обвини Бајден дека ја користи својата „обемна историја на тргување со туѓи имиња за лична корист“ за да привлече внимание кон себе.
Според писмото, видеото за кое станува збор било широко дистрибуирано преку дигитални медиуми и повторно објавено од медиуми со милиони следбеници, што „ѝ предизвикало на г-ѓа Трамп огромна финансиска и репутациска штета“.
Портпаролката на Источното крило на Белата куќа, Ник Клеменс, потврди дека „адвокатите на првата дама Меланија Трамп активно обезбедуваат итно повлекување и извинувања од оние што шират злонамерни, клеветнички лаги“.
„Дејли бист“ веќе се извини за објавувањето на неоснованите тврдења на Волф, додека долгогодишниот демократски стратег Џејмс Карвил ги повлече сличните коментари од својот подкаст минатата недела.
Хантер Бајден, кој во последно време е многу присутен во медиумите откако неговиот татко ја напушти Белата куќа, е познат по своите контроверзни појавувања. Во истата емисија, тој го објасни процесот на производство на крек кокаин и не се двоумеше да употреби вулгарен јазик.