
Школски автобус што превезувал повеќе од 40 ученици се превртел во среда на првиот ден од школската година, при што неколку деца биле повредени, соопштија властите , цитирани од Асошиејтед Прес.
Помошникот началник на службите за итна медицинска помош во округот Остин-Тревис, Кевин Паркер, изјави дека најмалку едно лице имало повреди опасни по живот, а уште две лица имале „потенцијално повреди опасни по живот“, без да каже дали сите се деца.
Автобусот се движел по дволентен селски пат кога, од непозната причина, скршнал од десната страна на патот и се превртел , изјави наредникот Били Реј од Тексашкиот оддел за јавна безбедност. Подоцна додаде дека во времето на инцидентот врнело дожд, но сè уште не е јасно дали времето одиграло улога во несреќата .
Видео снимките од местото на несреќата го покажуваат жолтиот автобус како лежи настрана покрај патот со оштетен покрив и скршени прозорци.
Автобусот превезувал претежно ученици од основно училиште. Возачот и 15 од децата се префрлени во болници. Сè уште не е јасно дали лицето со животозагрозувачки повреди е ученик или возачот.
Автобусот е модел од 2024 година и е опремен со задолжителни безбедносни појаси , кои децата биле должни да ги користат, изјави началникот на училишниот округ Брус Гиринг.
„Сакаме сите ученици и нивните семејства да знаат дека нашите молитви и мисли се со нив и ќе направиме сè што можеме за да ги поддржиме“, рече Геринг.
Истрагата за причините за инцидентот продолжува.




