45 лица беа уапсени во Вашингтон синоќа, вклучувајќи 29 лица за кои се сомнева дека нелегално престојуваат во Соединетите Држави, објави Белата куќа.
Акцијата следеше откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека неговата администрација ќе ја преземе контролата врз Полициската управа на Вашингтон и ќе ја испрати Националната гарда во градот најмалку еден месец, објави АП.

Белата куќа потврди дека локалните и федералните полицајци ќе бидат присутни во градот, работејќи 24 часа на ден, а повеќе од 1.650 припадници на безбедносните служби сега учествуваат во операцијата.
Портпаролот на Пентагон, Кингсли Вилсон, прецизираше дека Националната гарда ќе има овластување привремено да ги притвора луѓето, но нема да има право да апси, што останува одговорност на полицијата.
Дополнително, планот за федерализација вклучува расчистување на камповите за бездомници и нивно преместување од центарот на градот, иако деталите за таа акција сè уште не се познати.
Властите во Вашингтон веќе почнаа да ги затвораат камповите пред објавата на Трамп и се обидуваат да обезбедат дополнителни социјални услуги за раселените лица. Мерката предизвика бројни реакции и загрижености за потенцијалната закана за правата и автономијата на локалните заедници, истакнува американската агенција.




