Искусниот германски дипломат и поранешен претседател на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер оцени дека самитот меѓу претседателите на Русија и САД во Алјаска бил разочарувачки.

„Путин доби црвен тепих, а Трамп не доби ништо за возврат. Како што се плашевме: нема примирје, нема мир, нема санкции“, изјави Ишингер на мрежата X.
Тој оцени дека е сосема јасно дека резултатот од состанокот е „1:0 за Путин“.
„Нема вистински напредок – очигледно 1:0 за Путин – нема нови санкции. За Украинците: ништо. За Европа: длабоко разочарувачки“, оцени поранешниот германски дипломат.
Путин и Трамп се сретнаа вчера во воена база во Анкориџ, Алјаска, по што дадоа кратки изјави без конкретни детали за преговорите.
Рускиот претседател зборуваше за „фундаменталните закани“ што Украина, според него, ги претставува за безбедноста на Русија, повторувајќи ги долгогодишните ставови на Москва за проширувањето на НАТО и обвинувањата против украинските власти. Трамп го опиша состанокот како „исклучително продуктивен“, но призна дека не е постигнат договор за Украина.




