Десетгодишната Британка Бодхана Сиванандан влезе во историјата на шахот како најмладата девојка што успеала да совлада велемајстор, пишува Си-ен-ен.

Таа во последното коло на Британското првенство во шах 2025, одржано во Ливерпул, го победи 60-годишниот велемајстор Пит Велс. Со оваа победа, на возраст од само 10 години, пет месеци и три дена, Сиванандан го сруши рекордот што претходно го држеше Американката Кариса Јип, која во 2019 година го совлада велемајстор со 10 години, 11 месеци и 20 дена, соопшти Меѓународната шаховска федерација.
Победата ѝ донесе и титула женска меѓународна мајсторица – еден ранг под титулата женска велемајсторица. Највисоката титула во шахот е велемајстор, која денес ја носат светскиот шампион Гукеш Доммарају и светскиот број еден Магнус Карлсен.
Бодхана ја започнала својата шаховска приказна за време на пандемијата на ковид-19, кога имала само пет години. Еден пријател на нејзиниот татко ѝ подарил играчки и книги, меѓу кои и шаховска табла.
„Ги видов фигурите и сакав да играм со нив како со играчки. Но, тато ми рече дека можам да ја играм играта, и така почнав“, изјавила девојчето за Би-би-си.
Иако никој од нејзиното семејство претходно немал успех во шахот, таа денеска се вбројува меѓу најголемите надежи на светската шаховска сцена.




