Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека пристигнал во Вашингтон, каде што денес ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери.
„Сите споделуваме силна желба оваа војна брзо и сигурно да се заврши. А мирот мора да биде траен. Не како што беше пред многу години, кога Украина беше принудена да се откаже од Крим и дел од нашиот исток – дел од Донбас – а Путин едноставно го искористи како појдовна точка за нов напад. Или кога на Украина ѝ беа дадени таканаречени „безбедносни гаранции“ во 1994 година, но тие не функционираа“, напиша Зеленски во објава на платформата X.
Тој рече дека Крим „не требало да биде предаден тогаш, исто како што Украинците не ги предадоа Киев, Одеса или Харков по 2022 година“, додавајќи дека „Украинците се борат за својата земја, за својата независност“ и дека војниците на земјата „имаат успеси во регионите Донецк и Суми“.
„Уверен сум дека ќе ја браниме Украина, ефикасно ќе ја гарантираме нејзината безбедност и дека нашиот народ секогаш ќе му биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер и сојузник за нивната поддршка и непроценлива помош. Русија мора да ја заврши оваа војна што ја започна сама. И се надевам дека нашата заедничка сила со Америка, со нашите европски пријатели, ќе ја принуди Русија да склучи вистински мир“, рече Зеленски.
Пред разговорите со Зеленски и голема делегација на европски лидери, Трамп објави дека денес ќе им пренесе порака на посетителите на Белата куќа дека Зеленски мора да се согласи на некои од условите на Русија за да се заврши војната во Украина, вклучително и откажување од Крим и приклучување кон НАТО.
„Претседателот Зеленски на Украина може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш, ако сака, или може да продолжи да се бори. Сетете се како започна. Нема враќање на Крим што го даде Обама (пред 12 години, без ниту еден испукан куршум!), и нема влез на Украина во НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат“, напиша Трамп на социјалните медиуми, според Си-Ен-Ен.
Средбата со Трамп и Зеленски во Белата куќа ја потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а се очекува да присуствуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанскиот премиер Џорџи Мелони, финскиот претседател Александар Стабс и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.




