Милијардерот Илон Маск „тивко“ ги напушта плановите за формирање нова политичка партија, објави Волстрит журнал, повикувајќи се на извори.
Според весникот, Маск им рекол на соработниците дека сака повторно да се фокусира на своите компании и не сака да ги загрози односите со клучниот политички сојузник, потпретседателот на САД Џ.Д. Венс.
Маск претходно ја изнесе идејата за „Американска партија“ во јули, по јавната расправија со американскиот претседател Доналд Трамп околу даночната политика и трошењето, објави Ројтерс.
Сепак, планот за формирање партија е на чекање, според весникот, за да се избегне политички раскол во рамките на републиканското крило кое го поддржува Венс.
На својот профил X, Маск го коментираше извештајот, кратко велејќи: „Ништо што го кажува WSJ не треба да се сфати како вистина“.
Според весникот, Маск и неговите соработници им сигнализирале на луѓе блиски до Венс дека милијардерот би можел финансиски да ја поддржи евентуалната претседателска кандидатура на Венс во 2028 година.
Маск потрошил речиси 300 милиони долари во 2024 година поддржувајќи го Трамп и другите републикански кандидати.
Основачот на Тесла и Спејс Екс беше назначен и за раководител на новоформираниот Оддел за владина ефикасност во рамките на администрацијата на Трамп.
Во деловната област, акциите на Тесла паднаа за повеќе од 18 проценти оваа година откако компанијата ги објави најлошите квартални резултати од продажбата за повеќе од една деценија.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди информациите објавени во Волстрит џурнал, а Тесла и Белата куќа не одговорија на барањата за коментар.