Поднесена е кривична пријава против скопјанец за „тероризам“. Тој се сомничи за лажно пријавување подметната бомба во авион на Скопскиот аеродром, по што аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, одложени, соопшти МВР.
– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР – Сектор за борба против тероризам, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава по брза постапка против С.А., на возраст од 26 години од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394 – б од Кривичниот законик, појаснуваат од МВР.
По преземени мерки и активности, дојдено било до сознание дека на 16 август во 2:41 часот, лажно пријавил дека е поставена бомба во авион што од Меѓународниот аеродром – Скопје требаше да полета кон Република Турција, по што аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, исто така, беа одложени за неколку часа, односно до завршување на антитерористичките проверки.
– При преземањето мерки, вчера, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на С.А. на подрачјето на Кисела Вода, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со настанот, а тој бил лишен од слобода. Во службен разговор во полициска станица, тој го признал делото, потенцираат од Министерството.