Голема празнина остави зад себе Френк Каприо, судијата од Род Ајленд, кој стана познат низ целиот свет по хуманиот и љубезен начин на кој се однесуваше кон граѓаните во судниците.
Каприо почина на 88-годишна возраст, а политичките власти и општеството се збогуваа со него со трогателни зборови. Тој беше „душата“ на емисијата „Caught in Providence“, која започна на локалната телевизија и повеќе од 20 години се емитуваше низ целата земја.
Јавноста го сакаше поради неговата љубезност и хумор, особено во справувањето со сообраќајните прекршоци, па дури и по неговото пензионирање тој продолжи да објавува видеа од судењата на ЈуТјуб. Во 2025 година беа објавени неговите мемоари.
Извадоци од неговата емисија надминаа 1 милијарда прегледи на социјалните медиуми, а тој се издвојуваше од другите телевизиски личности благодарение на сочувството и разбирањето што го покажа. Тој ја искористи својата слава за да проговори за нееднаквиот пристап до правда за најсиромашните Американци.
„Фразата „слобода и правда за сите“ ја претставува идејата дека правдата треба да биде достапна за сите. Сепак, не е“, рече тој во видео.
„Речиси 90% од Американците со ниски приходи се принудени сами да се справуваат со граѓански прашања како што се здравствена заштита, неправедно иселување, бенефиции и, да, дури и сообраќајни прекршоци“.
Неговото семејство го опиша како „посветен сопруг, татко, дедо, прадедо и пријател“, додавајќи: „Сакан поради неговото сочувство, понизност и непоколеблива верба во добрината на луѓето, судијата Каприо ги допре животите на милиони преку својата работа во судницата и пошироко. Неговата топлина, хумор и љубезност оставија неизбришлив белег врз сите што го познаваа.“
„Судијата Френк Каприо почина мирно на 88-годишна возраст по долга и храбра борба со ракот на панкреасот“, напиша семејството на Инстаграм . „Во негова чест, да се обидеме секој од нас да донесе малку повеќе сочувство во светот – како што тој правеше секој ден.“
Тој се пензионираше во 2023 година по речиси 40 години служба во Општинскиот суд во Провиденс. Израснал во населбата Федерал Хил, како второ дете од трите во семејството со скромно потекло.
„Се надевам дека луѓето ќе сфатат дека институциите на владата можат да функционираат многу добро со демонстрирање љубезност, правда и сочувство. Живееме во контроверзно општество“, рече тој во 2017 година. „Се надевам дека луѓето ќе видат дека можеме да спроведуваме правда без да бидеме угнетувачи“.