Снимањето на петтата сезона од популарната серија „Емили во Париз“ (Emily in Paris) е привремено запрено откако 47-годишен асистент-режисер од Венеција почина на сетот. Трагичниот настан се случил во еден од најпознатите градски хотели – „Даниели“, додека екипата работела на една од последните сцени.
Според информациите на локалните власти, мажот се срушил ненадејно и покрај обидите за реанимација не можел да биде спасен. Се претпоставува дека причината е срцев удар.
Снимањето во Венеција требало да трае до понеделник, откако дел од епизодите претходно биле снимани и во Рим. Засега не е познато колку долго ќе трае прекинот на продукцијата, која беше во завршна фаза.
Иако дејството на серијата е сместено во Париз, делови од новата сезона се снимаат и во Италија, а премиерата на петтата сезона е најавена за крајот на годинава, непосредно пред Божиќ.
Градското собрание на Венеција упати искрено сочувство до семејството на починатиот, кој долги години бил дел од меѓународната филмска индустрија. Колегите и продукцијата останале во шок од ненадејната смрт, а јавноста со сочувство ја следи ситуацијата.