дома Локално 6 кандидати за градоначалник на Скопје

6 кандидати за градоначалник на Скопје

Актуелниот пратеник на опозициската партија Левица, Амар Мециновиќ, е нов кандидат за скопски градоначалник на претстојните октомвриски локални избори. Тоа е објава за шеста кандидатура досега, откако претходно своето учество во трката го потврдија Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ, Скендер Реџепи како претставник на коалицијата предводена од ДУИ, Башким Бакиу од „Вреди“, а граѓанската иницијатива „Независни заедно“ неодамна најави дека наскоро ќе го соопшти името на својот фаворит. Сето тоа го отвора прашањето дали уште во првиот круг ќе се знае победникот на трката за прв човек на македонската метропола или, пак, ќе мора да се оди на ново гласање, за четиринаесет дена, на 2 ноември. Политичките аналитичари укажуваат дека бројот на кандидати не е најважен фактор за тоа дали ќе има два круга на гласање.

Мециновиќ, кој е актуелен пратеник во македонското Собрание, а претходно три години беше советник во Советот на Град Скопје, денеска соопшти дека ќе ја бара довербата кај скопјани преку понуда на три клучни приоритети. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, супериорно со жестока кампања ,уште пред неколку недели објави дека очекува победа уште во првиот круг од изборите.

Без меѓупартиски договор и консултации со ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, објави дека го кандидира Башким Бакиу. Набрзо и ДУИ одговори со кандидирање на Скендер Реџепи, со што стана јасно дека, во првиот изборен круг, гласовите на етничките Албанци од Скопје ќе одат на контото на овие две спротивставени групации. Неодамна, и граѓанската иницијатива „Независни заедно“ најави свој кандидат, со што претендира на гласовите на умерените и на неопределените граѓани. Левица, пак, вчера објави дека очекува гласови од припадниците на младата генерација што не излегуваат често на избори. Најголемата опозициска партија, СДСМ, пак, смета на своите традиционални гласачи и кандидатката Каја Шукова. Сето тоа укажува дека доаѓа под прашалник нечија победа во првиот изборен круг.

На локалните избори во Градот Скопје, пред четири години, беа регистрирани 467.373 гласачи. Според Изборниот законик, победник во првиот круг е оној кандидат што ќе добие мнозинство гласови од избирачите што излегле на гласање, но излезноста треба да изнесува најмалку една третина од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список за соодветната општина. Ова значи дека во најминимални услови со излезност од само една третина на запишаните избирачи во Скопје, за победа во првиот круг на некој од кандидатите ќе бидат потребни околу 78.000 гласа  .

 

 

ПредходнаХидросистемот „Ѓавато“ се санира, во најскоро време ќе биде целосно функционален и оперативен
СледнаКорупциски скандал во Аргентина