Пентагон тивко ја блокира Украина да користи американски тактички ракетни системи (ATACMS) за удар длабоко на руска територија, ограничувајќи ја можноста на Киев да го користи ова оружје за да се одбрани од инвазијата на Москва, објави во саботата „Волстрит џурнал“ (WSJ), цитирајќи американски претставници.
Министерот за одбрана Пит Хегсет го има последниот збор кога станува збор за употребата на системот ATACMS, според WSJ.
Кабинетот на украинскиот претседател и Министерството за одбрана не го коментираа извештајот на WSJ, ниту Белата куќа и Пентагон, истакнува Ројтерс.
Веста за американските ракети со долг дострел доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп е сè повеќе фрустриран од тригодишната војна и неговата неспособност да обезбеди мировен договор меѓу Русија и Украина.
Откако неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин и последователните средби со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски не донесоа видлив напредок, Трамп во петокот изјави дека размислува за воведување економски санкции врз Русија или за напуштање на мировниот процес.
„Ќе донесам одлука за тоа што ќе правиме и тоа ќе биде многу важна одлука, дали ќе воведеме сеопфатни санкции или огромни царини, или и двете, или можеби нема да направиме ништо и ќе кажеме: тоа е ваша борба“, рече Трамп.
Трамп се надеваше дека ќе организира билатерална средба меѓу Путин и Зеленски, но тоа се покажа како многу тешко.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот за NBC изјави дека не постои договорена агенда како предуслов за средба со Зеленски.
„Путин е „подготвен“ да се сретне со Зеленски кога ќе се договори агендата за самитот. А таа сè уште не е подготвена“, рече Лавров, додавајќи дека таква средба засега не е планирана.
Путин постојано предупредува дека украинската армија не може да користи високопрецизно оружје со долг дострел без директно учество на офицери на НАТО.
Ова, како што нагласи тој, би го вклучило Западот директно во војната против Русија.




