Поранешните членови на британскиот бенд Police, гитаристот Енди Самерс и тапанарот Стјуарт Коупленд, поднесоа тужба против нивниот поранешен колега од бендот Стинг, барајќи надомест за наводната загуба од неколку милиони долари авторски хонорари за нивната работа со бендот, објави денес Mirror, повикувајќи се на судски документи.

Самерс и Коупленд го тужеа Стинг во Високиот суд во Лондон по години правни битки, а во тужбата се наведува дека парите што ги бараат двајцата музичари доаѓаат од „општи комерцијални договори и аранжмани“.
„Адвокатите постојано се обидуваа да постигнат вонсудска спогодба, но тоа не беше можно. Енди и Стјуарт одлучија дека нема алтернатива освен да одат на суд и да кажат дека (Стинг) им должи милиони долари за изгубени авторски хонорари“, изјави неименуван извор за таблоидот Sun.
Портпаролот на Стинг негираше дека правната постапка е поврзана со хитот „Every Breath You Take“, но не даде детали.
Бендот Police има продадено над 75 милиони плочи, а нивниот последен студиски албум, „Synchronicity“ од 1983 година, беше најпродаваниот албум во Велика Британија, Канада, Австралија и Италија, додека само во САД се продадоа осум милиони примероци.
Бендот, исто така, распродаде турнеи низ целиот свет, заработувајќи милиони, пред да се распадне во 1986 година.
Стинг подоцна призна дека се однесувал како „добронамерен диктатор“ во групата, што, според него, не било лесно за другите членови.
„Имавме оваа фантастична авантура заедно и поминавме низ толку многу работи и успеси. Бевме мала герилска единица, бевме во војна и го правевме тоа на свој начин, без многу помош. Затоа ме растажи кога го видов како се распаѓа поради егото, моето и нивното. Сè уште ме растажува“, рече тој во едно интервју пред четири години.




