Австралиските власти во понеделник изјавија дека ќе го протераат иранскиот амбасадор во Канбера, обвинувајќи го Техеран за извршување на два антисемитски напади во Сиднеј и Мелбурн.

Од почетокот на израелската војна во Појасот Газа во октомври 2023 година, австралиските училишта, синагоги и возила беа цел на антисемитски вандализам и палење, според Ројтерс.
Во најновиот инцидент во јули, полицијата обвини неименуван маж за палење синагога во Мелбурн додека верниците биле внатре.
„Ова беа вонредни и опасни акти на агресија од страна на странска нација на австралиска почва. Тие беа обиди за поткопување на социјалната кохезија и сеење раздор во нашата заедница“, рече австралискиот премиер Ентони Албанезе.
Австралија ја затвори својата амбасада во Техеран, а австралиските дипломати се „безбедни во трета земја“, рече Албанезе, додавајќи дека неговата влада ќе го означи Корпусот на исламската револуционерна гарда на Техеран како терористичка организација.




