дома Македонија Економија Народната банка со мерки ќе го олеснува кредитирањето за купување стан за...

Народната банка со мерки ќе го олеснува кредитирањето за купување стан за живеење

26 август 2025

Поповолни услови за кредит за лицата кои за првпат ќе аплицираат за стан за живеење. Народната банка веќе ги подготвува макропрудентните мерки коишто се очекува да бидат објавени за една до две недели.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славевски вели дека се во контакт со комерцијалните банки и дека им бил даден период во којшто тие ги доставиле нивните предлози од кои дел се прифатени.

Славески во изјава за медиумите вели дека секаде во светот постои јасна дистинкција меѓу кредитирањето на објекти за живеење и објекти како инвестиција односно објекти кои се изнајмуваат или се чуваат како недвижен имот.

– Ова што се случува на пазарот на станови во Репубика Македонија посебно во неколку градови, најмногу во главниот град, ги става во многу незавидна ситуација младите брачни парови или самци кои сакаат да го решат станбеното прашање затоа што цените се премногу високи од аспект на заработката. Ние не сакаме овој тренд да продолжи и мислам дека како Народна банка имаме инструменти со кои тоа ќе го постигнеме, изјави денеска Славевски при посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Гувернерот со порака до банките – лицата кои земаат кредит за да го решат станбеното прашање се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот.
Смета дека треба да се посвети внимание и на изјавите што ги потпишуваат кредитобарателите односно ваквите изјави да не бидат само формалност.

– Имаме податок дека кај околу 73 проценти од становите кои се купени на кредит, во изјавите стои дека се наменети за живеење, но тоа никој не го проверува. Никој не проверува дали е променета адресата на живеење и.т.н. Во многу држави во светот банките ги следат кредитобарателите дали го промениле живеалиштето и доколку се утврди дека е дадена лажна изјава дека ќе живеат во станот којшто го купувате на кредит, тоа се смета за тешка измама и банката има право веднаш да побара да го вратат кредитот или да го намали рокот на отплата на кредитот на помалку години, изјави Славевски.

Од Агенцијата за катастар на недвижности најавуваат наскоро профункционирање на регистарот на цени за закупини којшто не функционира неколку години наназад. Се работи на нова платформа за да може да се одвојат пред договорите од договорите.

ПредходнаДневен хороскоп за 26 август: Искреноста ќе ви донесе хармонија во љубовта – разговарајте
СледнаПротест пред болницата Канев во Русе поради смртта на 21-годишната жена при породување