Украинската влада остро го критикуваше американскиот режисер Вуди Ален за неговото појавување на Московската филмска недела, нарекувајќи ги неговите постапки “срам” и “навреда” за сеќавањето на украинските актери и режисери кои загинале или страдале за време на руската агресија.
“Ова е срам и навреда за жртвите на украинските актери и режисери убиени или повредени од страна на руските воени злосторници за време на руската агресија против Украина”, се вели во официјалното соопштение на украинското Министерство за надворешни работи.
Министерството додаде дека со учеството во “фестивал кој ги обединува поддржувачите и пропагандистите на Путин”, Ален “намерно ги затвора очите за злосторствата кои Русија ги извршува во Украина веќе 11 години”. “Културата никогаш не треба да се користи за прикривање на злосторства или како пропагандна алатка”, изјави украинското министерство.

Во неделата, 24 август, Вуди Ален се приклучил на онлајн дискусија со водечки руски режисери, кинематографи и актери, вклучувајќи го и Фјодор Бондарчук – познат по неговата поддршка за руската инвазија.
За време на разговорот, Ален, добитник на четири Оскари, дискутирал на теми како што се вештачката интелигенција и споделил дека неговата претходна посета на СССР била “мрачно искуство”. Сепак, тој ја пофалил руската кинематографија и дури изјавил дека ќе размисли за снимање на филм во Русија ако добие понуда.
“Ако имаше такви предлози, јас би седнал и би размислувал за тоа какво би можело да биде сценариото, како се чувствува една личност во Москва и Санкт Петербург”, рече режисерот, цитиран од страна на руските медиуми.