Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најмалку осум лица загинале во руски ракетен напад во Киев синоќа, вклучувајќи и едно дете.

Зеленски изјави на X дека тимовите за итни интервенции моментално ги расчистуваат урнатините на станбена зграда, додека потрагата по евентуални преживеани продолжува.
„Ова е уште еден масовен напад врз нашите градови и заедници. За жал, веќе е потврдено дека најмалку осум лица се убиени, а десетици се повредени. Луѓето може сè уште да бидат заробени под урнатините“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател остро ја критикуваше Русија за продолжување на нападот, тврдејќи дека „Русија избира балистика наместо преговарачка маса“ и дека „продолжува да убива наместо да ја прекинува војната“.
Тој исто така рече дека Русија не покажува страв од последиците од своите постапки, додека дел од меѓународната заедница, како што изјави, „замижува пред воените злосторства и бара изговори за (рускиот претседател Владимир) Путин“.
Зеленски повика на строги санкции против Русија, истакнувајќи дека „сите рокови се пропуштени и десетици можности за дипломатија се уништени“.
„Очекуваме реакција на Кина на она што се случува. Кина постојано повикува на неширење на војната и прекин на огнот. Сепак, ова не се случува поради Русија. Очекуваме реакција на Унгарија. Смртта на децата сигурно треба да предизвика многу поголеми емоции од сè друго“, напиша Зеленски.
Тој нагласи дека Русија мора да биде одговорна за сите напади и за сите жртви на војната.




