Илјадници луѓе учествуваа во протестите низ Мексико, барајќи владини претставници да сторат повеќе за решавање на случаите на повеќе од 130.000 исчезнати лица, објави денес Би-Би-Си.

Роднини и пријатели на исчезнати лица, како и активисти за човекови права, протестираа на улиците на Мексико Сити, Гвадалахара, Кордоба и други градови, барајќи правда и повикувајќи ја владата на претседателката Клаудија Шајнбаум да помогне во пронаоѓањето на исчезнатите лица.
Повеќе од 130.000 луѓе се пријавени како исчезнати во Мексико, а речиси сите исчезнувања се случиле од 2007 година, кога тогашниот претседател Фелипе Калдерон ја започна својата „војна против дрогата“.
Во многу случаи, оние што исчезнале биле насилно регрутирани во нарко-картели или убиени затоа што се спротивставувале.
Од јужните држави како Оахака до северните држави како Сонора и Дуранго, илјадници активисти и членови на семејствата на исчезнати лица, носејќи транспаренти со слики од нивните роднини, излегоа на улиците за да бараат властите да сторат повеќе за решавање на проблемот.
Многу погодени семејства формираа тимови за пребарување, познати како „бускадорес“, кои ги пребаруваат селата и пустините во северно Мексико, следејќи ги информациите, честопати од самите картели, за локацијата на масовните гробници.




