дома Свет Трамп му се закани на гувернерот на Илиноис дека ќе ја испрати...

Трамп му се закани на гувернерот на Илиноис дека ќе ја испрати Национална гарда во Чикаго

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди гувернерот на Илиноис, Џеј Роберт Прицкер, да го намали криминалот во Чикаго, или Националната гарда ќе биде распоредена и во тој град, објави денес АБЦ.


Во објава на социјалните мрежи, Трамп му рече на Прицкер да „го среди тоа, брзо, или доаѓаме“.
Претходно објави дека Чикаго ќе биде следниот град што ќе го таргетира откако неговата администрација ќе го преземе Вашингтон.
Во друга објава на социјалните мрежи, Трамп ги пофали неговите напори за сузбивање на криминалот во Вашингтон, каде што претходно беа распоредени членови на Националната гарда.
„Округот Колумбија е практично, за само 14 дена, зона без криминал. Луѓето што живеат и работат таму се воодушевени“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.
Гувернерот на Илиноис вчера изјави дека администрацијата на Трамп не комуницирала со администрацијата на таа американска држава за наводниот план за испраќање воени сили во Чикаго.
Во интервју за CBS News, Прицкер рече дека тоа била „идејата за инвазија“, оценувајќи дека Трамп има други цели освен борбата против криминалот.

Кога беше прашан за можното распоредување на армијата во третиот по големина град во Америка, за што неодамна пишуваше „Вашингтон пост“, Прицкер одговори дека е „јасно дека администрацијата на Трамп тајно ја планира оваа акција“ и оцени дека тоа би била инвазија на американски трупи, ако навистина го сториле тоа.

Во последните месеци, Трамп распореди сили на Националната гарда и федерални агенти на улиците на два други големи града – Лос Анџелес и Вашингтон, како дел од наводното сузбивање на нелегалната имиграција, насилниот криминал и граѓанските немири.

ПредходнаЕдно лице повредено во дискотека во Будва кога врз неа паднал LED екран
СледнаБугарските работодавци го отфрлаат моделот на четиридневна работна недела