Полските и сојузничките авиони на НАТО беа испратени во понеделник за да го обезбедат полскиот воздушен простор откако Русија започна воздушни напади врз западна Украина, во близина на полската граница, соопшти оперативната команда на полските вооружени сили.
„Руската Федерација повторно извршува напади врз цели лоцирани на територијата на Украина“, соопшти оперативната команда во објава на мрежата X, објави Ројтерс.
Во објавата се додава дека „полските и сојузничките авиони интензивно дејствуваат во полскиот воздушен простор“ и дека „копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување достигнаа највисоко ниво на подготвеност“.
Русија започна нов напад со беспилотни летала и ракети врз украинските градови преку ноќ, насочени кон западните и централните региони, соопштија украинските власти.
Во градот Знамјанка во регионот Кировоград, пет лица се повредени, а 28 згради се уништени во напад со беспилотни летала, соопштија локалните власти.