дома Свет Балкан Република Српска избра нова влада

Република Српска избра нова влада

Народното собрание на Република Српска избра нова влада на РС на синоќешната седница.


Новоизбраниот премиер на Република Српска Саво Миниќ и членовите на неговата влада синоќа положија свечена заклетва пред пратениците на Народното собрание, со што официјално ја презедоа функцијата.
Заклетвата беше положена на вонредна седница на парламентот, со која претседаваше претседателот на Народното собрание Ненад Стевандиќ.
Пратениците од опозицијата не присуствуваа на седницата, пренесува РТРС.
Новата Влада на Република Српска е составена од: Зора Видовиќ – министерка за финансии, Жељко Будимир – министер за внатрешни работи, Синиша Каран – министер за научен и технолошки развој и високо образование, Зоран Стевановиќ – министер за транспорт и врски, Петар Ѓокиќ – министер за енергетика и рударство, Ален Шераниќ – министер за здравство и социјална помош, Златан Клокиќ – министер за европски интеграции и меѓународна соработка, Боривоје Голубовиќ – министер за образование и култура, Бојан Випотник – министер за просторно планирање, градежништво и екологија, Војин Митровиќ – министер за економија и претприемништво, Анѓелка Кузмиќ – министерка за земјоделство, шумарство и водостопанство, Денис Шулиќ – министер за трговија и туризам, Горан Селак – министер за правда, Даниел Егиќ – министер за труд и заштита на ветераните и инвалидитетот, Сенка Јујиќ – министерка за администрација и локална самоуправа и Селма Чабриќ – министерка за семејство, млади и спорт.

По положувањето заклетва, претседателот на Собранието ја затвори седницата. Новоизбраниот премиер претходно објави дека работата на новата влада ќе биде фокусирана на зачувување на јурисдикцијата на Република Српска, спроведување на резултатите од референдумот и продолжување на институционалната стабилност.

Правните експерти и претставниците на опозицијата ја оспоруваат легалноста и легитимноста на владата на Миниќ, бидејќи тој беше номиниран од Додик за мандатар откако долгогодишниот премиер Радован Вишковиќ поднесе оставка на 22 август. Додик немаше овластување да номинира мандатар, бидејќи тој повеќе не е претседател на Република Српска.

На 6 август, на Додик му беше одземен мандатот како претседател на Република Српска од страна на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, врз основа на конечна пресуда на Судот на БиХ со која го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција поради неспроведување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.

Опозицијата во Република Српска предупреди дека владата на Додик на тој начин влегува во зоната на кривични дела и кршење на уставниот поредок на БиХ.

 

ПредходнаКошта: Проширувањето на ЕУ е најважната геополитичка инвестиција во нејзината безбедност
СледнаБи-Би-Си: Ова е фотографијата од парадата што светот ќе ја памети