Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ќе го одржи своето годишно обраќање за состојбата на Унијата (SOTEU) во Европскиот парламент во Стразбур, а се очекува да зборува за проширувањето и Западен Балкан, објави денес „Бруселс тајмс“.
Се наведува дека се очекува фокусот на Фон дер Лајен да биде ставен на глобалните предизвици со кои се соочува Европската Унија, вклучувајќи ги односите ЕУ-САД, континуираната поддршка на ЕУ за Украина во војната против Русија и европската одбрана и безбедност.
Бриселскиот весник додава дека следниот долгорочен буџет на ЕУ исто така ќе биде високо на дневен ред, како и одржливиот просперитет и конкурентност, зелената и дигиталната транзиција на ЕУ, вклучително и вештачката интелигенција, и прашањето како да се заштити демократијата и фундаменталните вредности на ЕУ.
По критиките за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, недостатокот на транспарентност, нејасните политики за борба против климатските промени, недостатокот на лидерство на меѓународната сцена и нејасниот план за намалување на трошоците за живот во ЕУ и раст на економијата на блокот, „Бруселс тајмс“ заклучува дека фон дер Лајен ќе се најде во дефанзива.
По говорот ќе следи дебата со европратениците за охрабрување на потранспарентна и подемократска ЕУ и овозможување на европратениците да ја надгледуваат работата на Комисијата и да помагаат во обликувањето на политиката на ЕУ.
Ова е првото годишно обраќање на фон дер Лајен за состојбата на Унијата од почетокот на нејзиниот втор мандат како претседател на Европската комисија пред нешто повеќе од десет месеци.