Европската Унија синоќа изјави дека израелскиот воздушен напад врз лидерите на Хамас во Доха е кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Катар и предупреди на ризикот од понатамошна ескалација на насилството во регионот.

„Изразуваме целосна солидарност со властите и народот на Катар, стратешки партнер на ЕУ“, напиша портпаролката на шефицата за европска надворешна политика Каја Калас на платформата X, пренесува Ројтерс.
Таа изјави дека секоја ескалација на војната во Газа мора да се избегне и дека тоа не е во ничиј интерес.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите напори за постигнување прекин на огнот во Газа“, нагласи таа.
Израелскиот напад врз Катар беше осуден и од Турција, Германија, Велика Британија, Франција и Шпанија, објавува „Тајмс оф Израел“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху има за цел да го продлабочи конфликтот и нестабилноста во регионот.
Германскиот министер за надворешни работи Јоханес Вадефул во изјава изјави дека нападот на Израел врз Доха е неприфатлив.
Британскиот премиер Кир Стармер ги осуди воените напади на Израел врз Катар, насочени кон лидерите на Хамас, велејќи дека тие ризикуваат понатамошна ескалација во регионот.
Францускиот претседател Емануел Макрон напиша на платформата X дека нападите се неприфатливи, без оглед на причината, и додаде дека под никакви околности војната не треба да се прошири на целиот регион.
Шпанското Министерство за надворешни работи соопшти дека нападите го нарушуваат територијалниот суверенитет на Катар и претставуваат грубо кршење на меѓународното право, повикувајќи на итен прекин на насилството и враќање на дипломатските преговори.




