Паника го зафати лондонскиот аеродром Хитроу доцна вчера попладне откако 21 лице се разболе на Терминал 4. Поради сомневање за опасни материјали, дел од аеродромот беше евакуиран, но службите за итни случаи не пронајдоа траги од штетни супстанции по темелно пребарување, објавува „Гардијан“ .
Извор од Метрополитенската полиција подоцна посочи дека би можело да станува збор за масовна хистерија, став со кој се согласуваат некои експерти. „Она што се случи на Хитроу е речиси сигурно епизода на психогена болест базирана на масовна анксиозност“, рече д-р Роберт Бартоломеј, социолог на Универзитетот во Окленд и експерт на оваа тема.
Што е масовна психогена болест?
Иако терминот „масовна хистерија“ може да потсетува на средновековните танцувачки чуми, ваквите настани не се непознати во современиот свет. Денес се користат термините „масовна психогена болест“ или „масовна социогена болест“, а тие се јавуваат во две главни форми: моторна и анксиозна.
Пример од првиот тип се случил во 2011 година во средното училиште „ЛеРој“ во Њујорк, каде што учениците покажале тикови како што се грчеви и спазми. Иако се стравувало од токсини од животната средина, експертите ја дијагностицирале ситуацијата како масовна психогена болест. „Овие епидемии се случуваат во атмосфера на вознемиреност што може да трае со недели или месеци. Продолжениот стрес ги нарушува нервите и невроните што испраќаат пораки од мозокот“, објаснил Бартоломеј.
Симптомите се вклопуваат во шемата
Случаите базирани на анксиозност обично се предизвикани од ненадејна перцепција на токсичен агенс, како што е непознат мирис. „Вообичаените симптоми вклучуваат главоболка, брзо дишење, вртоглавица и несвестица“, рече Бартоломеј, додавајќи дека епизодите се јавуваат ненадејно и жртвите често се опоравуваат во рок од неколку минути. Токму тоа се случило на Хитроу, верува тој.
Не е изолиран случај
Ова не е прв пат аеродромот да биде поврзан со ваков настан. Вартоломеј истражувал случај на аеродромот во Мелбурн во 2005 година, кога 57 лица се разболеле откако пријавиле „мирис на гас“. Студија од 2010 година открила дека значителен број пријавени хемиски инциденти всушност може да бидат епизоди на масовна психогена болест.
Професорот Сер Сајмон Весли, од Кингс колеџ во Лондон, рече дека е „малку рано“ да се извлечат какви било дефинитивни заклучоци за Хитроу, но додаде: „Ако сето ова не доведе до ништо, тогаш да, ова би можело да биде епизода на она што сега го нарекуваме масовна социогена болест“. Вартоломеј нагласи дека тоа не е ментално нарушување. „Најдобро се опишува како колективен одговор на стрес базиран на верувања. Сите имаме верувања, затоа сите сме потенцијални жртви. Не е „сè во нивните глави“ во смисла дека тие не доживуваат вистински симптоми“, заклучи тој.