
Роверот „Персеверанс“ на НАСА идентификуваше карпи во суво речно корито на Марс кои може да содржат знаци на древен микробен живот , објави АП.
Експертите нагласуваат дека се потребни длабински лабораториски анализи на примероците за да се потврдат заклучоците, а најдобрата опција би била студијата да се спроведе на Земјата. „Ова не е дефинитивен одговор, но е најблиску што сме се приближиле во потрагата по древен живот на Марс“, рече Ники Фокс, менаџер на научната мисија на НАСА.
Примерокот е собран од црвеникави, глинести калливи камења во долината Неретва, речен канал кој некогаш носел вода до кратерот Језеро. Седиментните наслаги, познати како формација „Светол ангел“, биле проучени со научните инструменти на роверот.
Примерокот содржел органски јаглерод и микроскопски честички наречени „афионово семе“ и „леопардови дамки“, збогатени со железен фосфат и железен сулфид – соединенија што на Земјата се формираат кога микроорганизмите ја разградуваат органската материја. „Нема докази за современи микроорганизми на Марс, но ако некогаш постоеле, тие можеби реагирале со сулфатни минерали за да ги формираат овие структури“, рекоа Џенис Бишоп и Марио Паренте.
„Персеверанс“ веќе собра 30 примероци од површината на Марс. Планот за нивно враќање на Земјата е одложен до 2040-тите поради високата цена и сложеноста на мисијата. Додека примероците не можат да се транспортираат со роботски возила или астронаути, научниците ќе се потпираат на лабораториски симулации на Земјата.
Шон Дафи, вршител на должноста администратор на НАСА, рече дека сите опции за анализа остануваат можни, вклучително и испраќање специјална опрема за директно проучување на примероците на Марс.




