Бакингемската палата потврди дека сопругата на кралот Чарлс нема да присуствува на погребната церемонија на војвотката од Кент, закажана за денес, 16 септември.
Камила се опоравува од акутен синузитис и се надева дека ќе се чувствува доволно добро за да учествува во сите планирани настани поврзани со државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп.
Камила требаше да му се придружи на нејзиниот сопруг и другите членови на кралското семејство на церемонијата во Вестминстерската катедрала во Лондон, во спомен на војвотката, која почина на 4 септември. “Нејзините мисли и молитви се со војводата од Кент и целото семејство”, рече портпаролот на палатата.
Камила се очекува да игра клучна улога за време на посетата на Доналд и Меланија Трамп на Велика Британија помеѓу 17 и 19 септември. Меѓу нејзините обврски се учество во официјална поворка со кочија и присуство на гала државна вечера.
Во четврток, Камила ќе и ја покаже на Меланија Кралската библиотека во Виндзор и познатата куќа за кукли на кралицата Мери, која се смета за најголема во светот.
Во текот на изминатата година, сопругата на кралот Чарлс била принудена да откаже голем број на јавни настани поради инфекции на белите дробови. Во меѓувреме, Чарлс, кој има 76 години, продолжува со лекувањето од рак, што бара внимателно планирање на неговите обврски, пишува Ројтерс.