Jавен обвинител и увидни екипи на МВР извршиле увид на местото каде настана пожарот во скопско Трубарево. Било извршено фотографирање и дронско снимање на локацијата која ќе остане обезбедена и во следниот период за потребите на постапката.
– Увидните дејствија се преземаа како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Беше извршено фотографирање и дронско снимање на локацијата. Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати, информира Јавното обвинителство.
На локацијата ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од страна на Министерството за животна средина, а на терен ќе треба да излезе и вешто лице од областа на екологијата.
На лице место, велат од ЈОРМ е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.
Пожарот во Трубарево избувна во саботата, а за овој случај приведени се четири лица на кои им е продолжен притворот за нови 48 часа. Тие се сомничат за кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад.