дома Македонија Политика Уставен не поведе постапка за Правилникот на ДИК: Независните може да учествуваат...

Уставен не поведе постапка за Правилникот на ДИК: Независните може да учествуваат на избори со два потписи

 

„Би било огромна и многу тешка повреда на Уставот и непочитување на нашата одлука доколку ДИК не постапел на овој начин. Замислете да немаат право независните граѓани, да нема критериум по кој тие би учествувале во изборниот процес. Тоа би значело брутално погазување и на нашата одлука и на Уставот и на Изборниот законик. Од тие причини мнозинството судии одлучи да не поведе постапка“, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски по денешната седница

Уставниот суд на денешната седница одлучи да не поведе постапка за Правилникот на Државната изборна комисија (ДИК), според кој независните кандидати за советници и градоначалници можат со само два граѓански потписи да учествуваат на локалните избори закажани за 19 октомври.

За потсетување, Државната изборна комисија го донесе Правилникот на 17 август поради правната празнина што настана откако Уставен во мај укина две одредби од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои го одредуваат бројот на потписи што треба да ги соберат граѓанските иницијативи, односно независните кандидати и за парламентарни и за локални избори. Ден претходно, односно на 16 август поради одлуката на Уставниот суд, во Собранието беа поднесени измени на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати, но тие не поминаа бидејќи по гласањето според Бадентер 11 пратеници од немнозинските заедници гласаа „за“, а 18 беа „против“.

Инаку, членот 18 што го укина Уставниот суд предвидуваше кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку еден отсто потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје.

Од Светскиот македонски конгрес чиј претседател е Тодор Петров, како и Стевче Стојанов поднесоа иницијативи со кои се бараше Уставниот суд да ја оцени законитоста и уставноста на Правилникот на ДИК. Подносителите сметаа дека со донесување на Правилникot е напрaвена повреда на Изборниот законик и член 8 став 1 алинеја 3 и 5, членовите 22, 23, 51, 54, 61 и 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Светскиот македонски конгрес во иницијативата тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции.

Сепак, уставните судии оценија дека оспорениот Правилник не е во спротивност со Изборниот законик и дека во него Државната изборна комисија ги операционализирала законските одредби од Иизборниот законик кои се однесуваат на постапката за собирање на потписи и ги регулирала сите дејствија што треба да се преземат при собирање на потписи во случај кога кандидатските листи се поднесени од група граѓани.

 

ПредходнаКвалитетот на воздухот во Трубарево е во рамки на дозволените граници, тврди МЖСПП
СледнаКина ги забранува чиповите на Nvidia