септември 18, 2025
Министерството за внатрешни работи вечерва информира дека е поднесена кривична пријава против четири лица за пожарот во Трубарево.
Кривичната пријава е поднесена против М.Д (56), Л.Д. (26), В.М. (43) и З.С.(59), како и против правно лице со седиште во Трубарево. Тие се сомничат за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Претходно, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираше дека за првообвинетиот се бара мерка притвор, а за останатите куќен притвор.
Пожарот во складиштето со електричен отпад избувна на 13 овој месец. Беше зафатен голем дел од складираниот електричен отпад, како и објектите на подружницата за складирање.
– Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост, велат од МВР.