септември 18, 2025
Основното јавно обвинителство покрена истражна постапка против четири физички и едно правно лице за пожарот во Трубарево. Тие се сомничат за кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад.
Со истрагата опфатени се татко и ќерка, раководител на подружница, како и лице кое го примал, складирал, сортирал и механички обработувал електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозволата за управување со отпад.
За првоосомничениот побарана е мерка притвор, а за останатите тројца куќен притвор.
– Обвинителството издаде наредби за дејствија и проверки со кои обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање, информира вечерва Државното јавно обвинителство.
Тој и неговата ќерка постапувале спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина и вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад.
– Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери, велат од ЈОРМ.
Третоосомничениот постапувал по насоките на првоосомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад, додека четвртоосомничениот, иако немал формален акт за засновање на работен однос во фирмата, преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад.
Пожарот во складот со електричен отпад избувна на 13 септември при што беше зафатен голем дел од складираниот електричен отпад, како и објектите на подружницата за рециклирање.
– Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост, посочуваат од ЈОРМ.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издавал наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.