Нов силен земјотрес го потресе полуостровот Камчатка на Далечниот Исток на Русија.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар регистрираше земјотрес со магнитуда од 7,8 степени според Рихтеровата скала кратко пред 7:00 часот утрово по локално време .
Епицентарот е регистриран на 125 километри североисточно од градот Петропавловск-Камчатски.
„Денес, цела Камчатка се разбуди во исто време, околу 7 часот наутро. Беше прилично силен земјотрес. Експертите сè уште ја проценуваат точната магнитуда, но ќе биде помеѓу 7,4 и 7,8, некаде во тој опсег. Ова е еден од серијата последователни потреси што се случуваат од 30 јули; веќе имавме околу 2.000. И во таа смисла, беше навистина доста силен“, изјави гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, за телевизијата „Росија-24“, цитиран од БТА.
Гувернерот увери дека сите служби за итни случаи се во состојба на зголемена готовност и го повика населението да остане смирено и да ги следи упатствата на властите.
Според регионалниот министер за вонредни ситуации, Сергеј Лебедев, бран висок приближно 30 см влегол во устието на реката Наличево .
Последователните потреси продолжуваат, а повеќето од нив се со јачина над 4,5 степени според Рихтеровата скала.
Во последните месеци, во регионот на полуостровот Камчатка имаше исклучително силна сеизмичка активност.




