Центарот за јавно здравје Куманово (ЦЈЗ) соопшти дека вчера е регистрирано труење со храна кај шест лица кои присуствувале на семинар-обука на 11 септември во ресторан во Куманово.
Од вкупно 36 учесници на семинарот, шест лица развиле симптоми на труење со храна – повраќање, дијареја, треска, температура до 41 степен, болки и грчеви во стомак. Двајца од нив се хоспитализирани, тројца се на дневна болница, а еден е на домашно лекување.
-Вчера, Одделение за епидемиологија при ЦЈЗ Куманово пријави „алиментарна токсоинфекција“ за шест пријавени – заболени со знаци на труење со храна од вкупно 36 експонирани лица.
Се работи за учесници на семинар-обука организирана од една фирма во еден ресторан во Куманово. По консумирање на храната во надворешниот простор на гостилницата во вечерните часови на 11-ти септември годинава, заболените симптомите на труење со храна ги развивале по четири, па сè до 16 часа со обилни повраќања, зачестени водникави столици на секои 10,15 или 20 минути, малаксаност, температура до 41 степен, треска, болки и грчеви во стомак, главоболка, соопштија од ЦЈЗ Куманово.




