Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе бара од компаниите да плаќаат 100.000 долари годишно за привремена работна виза H-1B, што би можело да нанесе сериозен удар врз технолошкиот сектор кој во голема мера се потпира на експерти од Индија и Кина.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп воведе голем број антиимиграциски мерки, а некои од неговите потези беа насочени кон ограничување на одредени форми на легална имиграција во САД. Најавената реформа на програмата за визи H-1B е најзначајниот обид досега од страна на администрацијата на Трамп за реформа на системот за привремени работни визи.
Тој тврди дека некои работодавци ја искористиле програмата за да ги намалат платите.
„Ако ќе обучувате некого, тоа ќе бидат луѓе кои неодамна дипломирале на некои од одличните универзитети низ нашата земја. Обучувајте ги Американците. Престанете да носите луѓе кои ни ги одземаат работните места“, рече министерот за трговија Хауард Лутник.
Некои работодавци ја искористија програмата за привремени работни визи за да ги намалат платите, штетејќи им на американските работници, според извршната наредба потпишана од Трамп во петокот.
Бројот на странски работници во областите на науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM) во САД се зголеми повеќе од двојно помеѓу 2000 и 2019 година, на речиси 2,5 милиони, додека вкупното вработување во STEM се зголеми за само 44,5 проценти во истиот период, се наведува во документот.
Најголем број привремени работни визи доделени на Индијци минатата година
„Цената на една виза, која ќе важи три години, ќе биде 100.000 долари годишно“, рече Лутник, додавајќи дека владата сè уште ги „разработува“ специфичните детали за тоа како ќе се спроведуваат таксите. Новите такси би можеле да додадат милиони долари на трошоците на компаниите, особено силно погодувајќи ги помалите технолошки компании, забележува Ројтерс.
Некои аналитичари предвидуваат дека воведувањето на данокот би можело да ги принуди некои компании да преместат дел од својот бизнис со висока вредност во странство, а со тоа и да ги попречи САД во трката за лидерство во секторот за вештачка интелигенција.
Најголем број привремени работни визи, дури 71 процент, им беа доделени на работници од Индија минатата година, додека кинеските државјани се на второто место на листата, со удел од 11,7 проценти, според официјалните податоци на САД.
Технолошките компании се предводници во однос на одобрувањето на визи. На „Амазон“ му беа доделени 12.000 привремени работни визи во првата половина од 2025 година, додека „Мајкрософт“ и „Мета“ добија по 5.000. Лутник рече дека сите големи компании се согласуваат со новата такса.
Речиси сите такси за виза мора да ги плати работодавачот
Многу големи американски технолошки, банкарски и консултантски компании одбија да коментираат за ситуацијата или не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар, а ниту индиската амбасада во Вашингтон, ниту кинескиот генерален конзулат во Њујорк не одговорија.
„Конгресот ја овласти владата само да наметнува такси за трошоците за донесување одлука (за виза), изјави директорот за политика на Американскиот совет за имиграција, Арон Рајхлин-Мелник, за „Блускај“, доведувајќи ја во прашање легалноста на новата такса.
Програмата H-1B им нуди на работодавците 65.000 визи годишно за да донесат привремени странски работници во специјализирани области и уште 20.000 визи за висококвалификувани работници. Според сегашниот систем, постои мала такса за учество во лотаријата за визи и такса од неколку илјади долари ако визата биде одобрена.
Речиси сите такси за виза мора да ги плати работодавачот. Визите H-1B се издаваат за период од три до шест години. Трамп, исто така, потпиша извршна наредба со која ќе им се овозможи на странските државјани да платат 1 милион долари за „златен билет“ што ќе им овозможи трајно да живеат во Соединетите Држави.