дома Култура Златен медал „Браќа Манаки“ за Благоја Куновски Доре

Златен медал „Браќа Манаки“ за Благоја Куновски Доре

 Златен медал „Браќа Манаки“ за Благоја Куновски Доре

  Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) годинава востанови ново фестивалско признание, награда Златен медал „Браќа Манаки“, а прв со новото одличје на ИФФК „Браќа Манаки“ се закити, филмскиот критичар Благоја Куновски Доре.

Одлуката на ДФРМ токму Благоја Куновски Доре да го добие златниот медал за особен и долгогодишен придонес кон ИФФК „Браќа Манаки“ се темели на факти, а факт е дека Куновски Доре 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот, вршејќи разни фестивалски функции, пренесе МИА.

-Со Благоја Куновски Доре се боревме да го промовираме македонскиот филм и да го донесеме најдоброто од светот кај нас. Неуморно твореше, работеше и инсистираше за подобрувања на овој фестивал. Куновски е најголемиот филмски критичар во Македонија на сите времиња, најголем презентер на македонскиот филм надвор од границите на Македонија и најголемиот соработник на Друштвото на филмски работници и фестивалот „Браќа Манаки“, истакна секретарот на ДФРМ, Томи Салковски за време на врачувањето на наградата, златен медал „Браќа Манаки“.

Пред аудиториумот во Битола, лауреатот Куновски Доре, посочи дека е трогнат од доделеното признание и е дел од една кариера исполнета со многу возбудувања.

-Благодарам на Друштвото на филмски работници за ова внимание. Особено ме исполнува тоа да сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето на еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме, истакна Куновски синоќа во Битола.

Друштвото на филмските работници на Македонија годинава одбележува 75 години од основањето.

Предходна„Еднаква“: 30 жени кои оставиле трага во македонското новинарство
СледнаЧанта што секоја жена треба да ја има оваа есен