Израелската армија вчера продолжи со нападите врз Газа, убивајќи најмалку 91 Палестинец, вклучувајќи цивили кои бегаат од градот Газа, соопштија здравствените власти во Газа.
Како што е наведено, најмалку 76 од загинатите се од градот Газа, каде што Израел спроведува засилена воздушна и копнена офанзива, принудувајќи ги жителите да се преселат во области на југ, каде што ќе бидат концентрирани, објави Ал Џезира утрово.
Во извештајот се вели дека израелските сили бомбардирале станбени згради, училишта претворени во засолништа, шатори каде што живеат раселени лица, како и камион што превезувал луѓе кои се обидувале да избегаат од градот Газа по наредба на армијата.
Хамас соопшти дека израелските сили убиле околу 1.700 здравствени работници и заробиле околу 400 откако ја започнале војната во Газа во октомври 2023 година.
Офанзивата продолжува додека 10 земји, вклучувајќи ги Австралија, Белгија, Велика Британија и Канада, се подготвуваат формално да ја признаат независната палестинска држава во понеделник пред годишната сесија на Генералното собрание на ОН, објави Ројтерс.
Засилената израелска воена кампања во градот Газа, која започна оваа недела, ги таргетираше високите згради и е придружена со копнена офанзива.
Израелската армија, која ги контролира источните предградија на градот, ги таргетира областите Шеик Радван и Тел Ал-Хава за да ги заземе позициите од кои може да напредува во централниот и западниот дел на градот Газа.
Повеќето од жителите на градот се засолниле таму.
Војската проценува дека уништила до 20 проценти од високите згради во градот Газа во последните две недели и дека повеќе од 500.000 луѓе избегале од градот од почетокот на септември. Движењето Хамас, кое ја контролира Газа, ја оспорува оваа бројка, велејќи дека само 300.000 луѓе го напуштиле градот, оставајќи околу 900.000 луѓе, вклучувајќи израелски заложници.




