Од сабота до 3 октомври ќе се одржува првото меѓународно рели на историски возила кои доаѓаат од 10 држави од Западна Европа и САД. Во текот на седумдневното рели насловено „Бахус класик рели“, што ќе се вози низ Македонија и Грција, ќе може да се видат 20 олдтајмери од кои некои за првпат на овие простори.
Ќе се вози рута од 1060 километри со 27 специјални етапи кои поминуваат низ кањони, планини, езера и море.
Официјалниот старт е од плоштадот Јадран во Скопје на 28 септември во 09 часот, а претходниот ден на истото место ќе се одржи церемонијален почеток со дефиле на сите учесници. Олдтајмерите ќе може да се видат и пред Музејот во Штип на 28 септември во 11:30 часот, како и на 1 октомври на плоштадот во Охрид и на 2 октомври на крајната дестинација пред хотелот Хилтон во Скопје околу 17 часот.
Ова е прв ваков настан што се организира во земјава како спој на автомобилизам, култура и гастрономија истовремено претставувајќи ја земјава како нова дестинација за олдтајмер релија од премиум ранг.
Организаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски велат дека Бахус класик релито е сериозен чекор кон враќање на автомобилската култура во земјава имајќи предвид дека во 50-тите и 60-тите години низ Скопје поминувале меѓународни релија како релито Монте Карло и релито Акрополис.
– Се погриживме ова рели да биде на ниво на релијата што се случуваат во Западна Европа, како по формата, така и по начинот на организација. Возилата, во принцип се внимателно одбрани затоа што сакавме во Македонија да донесеме возила кои досега не се видени или ретко се видени така што има широк спектар на возила кои се примамливи за око, велат двајцата организатори.
Релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (FIVA) која обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на олдтајмери од повеќе од 70 држави. Во календарот на (FIVA) има околу 20 настани од овој тип, а Бахус класик релито е едно од нив.
Бахус класик е круна на 20-годишната работа на Стефановски и Петровски кои се познати имиња во македонската автомобилска сцена и организатори на повеќе собири и релија не само на олдтајмери, туку и на мотоцикли.
Нивното богато портфолио почнува во 2005 година кога го организираат првиот интернационален настан како Classic Car Rally со околу 100 учесници, a потоа продолжуваат со Concours d Elegance од 2007 година. Во 2016 година стануваат национални организатори на најголемиот добротворен настан за класични мотоцикли во светот The Distinguished Gentlemans Ride кој се одржува секоја година, а во последните четири години се организатори и на The Distinguished Gentlemans Drive. Од 2018 година го организираат и Skopje Classic Days.